Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во Старата скопска чаршија ја отвори новата „Лабораторија за урбано живеење“ во Скопје. Како што информираат од Град Скопје, станува збор за нова просторија која се отвора во рамките на европскиот проект „РОК“ – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (ROCK). „Оваа лабораторија треба да претставува центар на акции, односно процесите што ќе почнат во неа ќе обезбедат нов увид во потенцијалот и зачувувањето на културното наследство, со што ќе се создаде можност за квалитативна просторна повторна употреба“ изјави градоначалникот Шилегов.
*Извор на фотографии: Град Скопје
Проектот „РОК“ се фокусира на историските центри на градовите кои ќе ги користи како „теренски лаборатории“ на културното наследство и ќе покаже како тоа може да биде уникатен и моќен двигател на возобновување, одржлив развој и економски раст за целиот град. Во рамките на овој проект успешни иницијативи за регенерација на културното наследство ќе се земаат од 7 избрани градови: Атина, Клуж-Напока, Ајндховен, Ливерпул, Лион, Торино и Вилнус. Добрите практики од овие градови ќе се реплицираат и ќе бидат тестирани во 3 „репликатор“ градови: Болоња, Лисабон и Скопје.
Градот Скопје ќе треба да преземе дел од добрите практики од избраните градови и истите да ги имплементира во македонската метропола. Активностите ќе бидат фокусирани во старото градско јадро на Скопје, и тоа: тврдината Кале, Старата скопска чаршија и старото Еврејско маало. Со планираните креативни методи и алатки од информатичката и комуникациската технологија ќе се работи на трансформација на овој дел од Скопје во центар на културата, знаењето и технолошкиот развој. Проектот „РОК“ е финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020.