Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ и деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ Огнен Марина денеска ја отворија изложбата на архитектонската работилница за трансформација на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачко – колска улица во општина Центар. Како што информираат од оваа локална самоуправа, студентите од деветттиот семестар по повеќемесечна работа имале задача да изработат трудови во форма на идејни решенија за трансформирање на оваа улица од станбена во пешачко – колска.
*Извор на фотографија: Општина Центар
Во периодот до 29 март, во фоајето на „Кино Култура“ ќе бидат изложени 12 идејни решенија, каде заинтересираните граѓани ќе можат да ги видат овие решенија и да дадат свое мислење за најдобрите проекти. Трите решенија по избор на граѓаните ќе бидат доставени до стручна комисија составена од претставници на Општина Центар и Архитектонскиот факултет, кои ќе го одберат најдоброто идејно решение.
„Преку оваа изложба ги повикуваме граѓаните да ни помогнат во изборот на најдоброто“, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ. Изложените трудови од студентите беа изработени под менторство на педагошкиот тим и стручните соработници во состав на професорите Михајло Зиноски, Игор Котларевски, Кире Секулоски и Томе Димитриевски.