Претходна статија
БЕГ: Топлификацијата ќе се шири кон западните делови на Скопје
Следна статија
Избран дизајнот на опремата за организирање на изложби на отворено во Скопје

Отворена изложбата „Скопските вертикали“ – приказна за 50 висококатници на Скопје

Објавено на 08.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Пред многубројните љубители на скопската архитектура, во Музејот на град Скопје вчеравечер беше отворена изложбата „Скопските вертикали“ на авторите Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков. Организираниот настан е финален чин на истоимениот истражувачки проект, во чии рамки е изготвена и книга за триесетина изградени примери на архитектонска типологија на скопски висококатници. Јавноста имаше можност да се запознае со изработените макети на дел од скопските висококатници, подготвениот графички материјал и документацијата за дел од објектите, како и изготвените фотографски материјали за овие објекти.

 

 

Кустосот Фросина Зафировска од Музејот на град Скопје во своето излагање посочи дека организираната изложба не заостанува од најквалитетните светски примери што обработуваат слична тематика. „Како што на нив им е својствено, на еден многу прецизен начин, на естетски највисоко можно ниво, но и на највисоко документарно ниво, тие имаат обработено 50 такви вертикали во Скопје“ изјави Фросина Зафировска.

 

Во името на авторите на изложбата, пред присутната публика се обрати архитектката Ана Ивановска Дескова. Таа им се заблагодари на сите нејзини колеги што се вклучиле во подготовката на изложбата, потенцирајќи дека во објавената книга е поместен и текстот „Кој се плаши од социјалистичкиот град?“ на архитектонскиот историчар Лука Сканси. „Ние го поставивме прашањето за симболиката на вертикалата воопшто, за историјата на вертикалата, за нејзиното постоење и за нејзиниот развој“ нагласи Ана Ивановска Дескова.

 

 

Покрај професионалната љубопитност, основен мотив кој стои во позадина на истражувачкиот проект „Скопските вертикали“ е да се придонесе за повторната видливост на еден од заборавените и тематски најмалку истражуваните архитектонски слоеви на Скопје – градбите кои се развиваат во височина. Во основа на истражувањето е и желбата за подетално проучување на скопските висококатници, кои се производ на еден од доминантните модели на урбанизација и развој на европските градови во втората половина на дваесеттиот век.

 

 

Изработената студија од Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков е насочена кон документирање и истражување на 50 висококатници кои припаѓаат на периодот од 1950 година сè до доцните 80 – ти години од минатиот век, кој истовремено е и најдинамичниот период од историјата на развојот на Скопје. Овој труд во детали ја проучува архитектурата на вертикалниот град, условите во кои таа настанала, главните одлики кои ја одредуваат, но и квалитетите и предностите кои ги поседува.

 

Заинтересираните граѓани и во наредните денови ќе може да ги разгледаат макетите на поставената изложба „Скопските вертикали“. Меѓу најзначајните зданија, на изложбата можат да се погледнат макетите на НИП „Нова Македонија“ на архитект Благоја Колев, седиштето на компанијата „Алкалоид“ на архитект Александар Серафимовски и работничкиот дом „Кочо Рацин“ на архитект Славко Брезоски.

 

 

Текст, фотографија: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk