Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска го пушти во сообраќај новиот кружен тек меѓу улиците Втора македонска бригада и Лазо Трповски [»мапа], на границата помеѓу општините Чаир и Бутел. Кружниот тек е формиран на ниво на постоечкиот коловоз и има една сообраќајна лента со ширина од 5,5 метри, која што ги опслужува сите четири краци. На коловозот е поставен асфалт со површина од 4.700 метри квадратни, а формирани се и тротоари за пешаци и зелени површини. Во рамките на проектот се постави нова атмосферска канализација и улично осветлување. Со зафатот беше извршена и заштита на постојната водоводна мрежа, на канализациските цевки и на гасоводната мрежа.
Градежните работи на кружниот тек ги изведе компанијата „Бауер БГ“ од Скопје, за што градската власт издвои 22 милиони денари. Дополнителни 3 милиони денари се инвестирани во уличното осветлување и во хортикултурното уредување на околниот простор.