Претходна статија
Започна изградбата на индустриските зони кај Виница и Берово
Следна статија
Расте енергетската зависност на Македонија од странските пазари

Отворен новиот Археолошки музеј на Македонија

Објавено на 19.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во присуство на премиерот и министерката за култура, викендов за пошироката јавност беа отворени новите простории на Археолошкиот музеј на Македонија, во зградата во која веќе се сместени Уставниот суд и Архивот на Република Македонија [»мапа]. Музејот се простира на три ката од објектот, на вкупна површина од 6.000 метри квадратни, во кои е прикажано културното наследство на Македонија со повеќе од 6.000 експонати, селектирани од богатиот фундус на археолошко богатство на нашата земја. Изложбената поставка е составена од пет постојани музејски колекции, меѓу кои: нумизматичка збирка, лапидариум, праисториска археолошка збирка, античка збирка и збирка на археолошки артефакти од средновековниот период.

 

#извор: Министерство за култура

извор: Министерство за култураизвор: Министерство за култура

 

 

Премиерот Никола Груевски во своето свечено обраќање истакна дека Археолошкиот музеј претставува нова значајна понуда во туризмот на земјата. Тој најави дека инвестициите во културата ќе продолжат, а следен во низата владини проекти го посочи отворањето на постојаната поставка на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија во просториите на Музејот на Македонија и новиот дел на Етнолошкиот музеј во рамките на комплексот „Македонско село“.

 

Зданието во кое е сместена музејската установа претставува дел од владиниот проект „Скопје 2014“. Од Буџетот на Република Македонија за изградба на ова здание со површина од 13.510 метри квадратни беа потрошени преку 35 милиони евра. Изградбата започна кон крајот на 2009 година, а во септември минатата година објектот беше делумно завршен и во него се вселија Уставниот суд и Државниот архив.