Претходна статија
Архитект Георги Константиновски одржа пристапно предавање во МАНУ
Следна статија
Граѓаните сè помалку го користат такси превозот

Отворен хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје

Објавено на 11.05.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Инвеститорот „Дивелоп груп“ денеска свечено го отвори хотелот „Мериот“, лоциран на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Во објектот што се градеше во изминативе шест години се вложени речиси 40 милиони евра. Градбата во арт-деко стил има 164 соби и апартмани, вклучувајќи и „претседателски“ апартман. Хотелот располага со осум места за одржување на настани со површина од 800 метри квадратни, како и голема сала со капацитет до 600 лица за одржување на различни свечености. Скопскиот „Мериот“ на посетителите ќе им понуди покриен базен, џакузи, спа-центар, теретана и фитнес центар, а дел од овие содржини ќе бидат достапни и за надворешни посетители.

 

###

 

 

Хотелот располага со класичен ресторан за гости, „Дистрикт бар и кичен“ и „лаунџ“ бар. По Букурешт, македонската метропола е вториот град на Балканот кој ќе може да понуди хотелски услуги на брендот „Мериот“. Меѓународната компанија поседува повеќе од 4.000 хотели низ целиот свет, вклучувајќи сместувачки капацитети под разни брендови во соседните земји: Србија, Босна и Херцеговина, Грција и Романија. Хотелот „Мериот“ во Скопје во моментов вработува 97 лица, а вкупната бројка на вработени во наредниот период ќе се искачи на 160 лица.

 

Изградбата на хотелот „Мериот“ во Скопје беше најавена во мај 2010 година, само неколку месеци по официјалното промовирање на проектот „Скопје 2014“. Надворешниот лик на хотелското здание е прилагоден на објектите од владиниот проект. Хотелот со девет надземни нивоа располага и со подземна гаража за паркирање.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект