Изложбата „Урбанизмот на Дебар Маало“ ќе се отвори утре вечер во просториите на галеријата „Акантус“, со почеток од 20 часот. Приредената поставка го претставува развојот на урбанизмот во скопската населба Дебар Маало, од нејзиното проектирање во првата половина на дваесеттиот век до денес. Целокупниот проект е реализиран со поддршка на Град Скопје.
„Појдовната точка е мапирање на Дебар Маало, бележење на промените на границите низ годините, неговите предности и недостатоци, препознавање и употреба на потенцијалот на местото во идниот развој на населбата. Преку овие релации се согледува менталниот склоп и социјалната структура на одредена култура, а архитектонската и урбана организација на просторот е експресија преку која се согледуваат низа трансформации како резултат на различните социјални навики и човекови потреби“ се нагласува во кусото образложение на претстојната изложба.