Хрватскиот гигант Агрокор во Струмица ќе гради откупно-дистрибутивен центар со пропратни содржини. Фирмата ќерка „Агрофруктус“ ДОО – Валандово е избрана за најповолен понудувач на наддавањето за 99-годишен закуп на земјиштето со површина од 52.815 метри квадратни. Со договорот закупецот се обврзува дека предвидениот објект со деталниот урбанистички план „Дел од УЕ 6 Урбан Блок 9 Струмица“ ќе го изгради во рок од 3 години. Агрокор од поодамна најавува инвестиции во Македонија.
Во Кочани пак, се подготвува изградба на агроберза. Тамошната локална самоуправа и холандската компанија „Go 4 Agri“ неодамна потпишаа договор за нејзина реализација, како и за откуп и за пласман на раноградинарски производи и за користење на геотермални води. Во тек е подготовка на урбанистичка документација за просторот од околу 210.000 метри квадратни на кој треба да никне агроберзата со пропратните објекти.