Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес – конференција соопшти неколку мерки во однос на откупот на градежно земјиште од страна на граѓаните. Местото на кое се наоѓаат нивните легализирани куќи од денеска може да се откупи по цена од 61 денари за метар квадратен за сите оние парцели со големина до 500 метри квадратни. Ако парцелата е поголема од 500 метри квадратни, тогаш ќе се откупува согласно цените за продажба по пат на непосредба спогодба, односно идентичните цени кои се плаќаат за оформување на парцела. За разлика од индивидуалните куќи, министерот Јанакиески информираше дека нема ограничувања за квадратурата на земјиштето под индустриските објекти. Цените варираат од 240 до 480 денари за метар квадратен и тие се определени со ценовникот на Министерството за финансии.
Дворовите ќе се отуѓуваат по цена од едно евро за метар квадратен. „Очекуваме со овој процес и со давањето поволна цена пред се за индивидуалните куќи да овозможиме целосно затворање на циклусот на сопственост на земјиштето каде што има нелегално изградени објекти“, истакна министерот Јанакиески. Тој напомена дека не се планира пролонгирање на рокот за доставување елаборати за легализирање на објектите. Досега во целата држава се легализирани околу 60.000 објекти, при што во Агенцијата за катастар на недвижности се запишани 58.400.