По повод Денот на независноста, со палење на вечен оган денеска беше свечено откриен споменикот „Паднати херои за Македонија“, лоциран во паркот „Жена борец“ спроти државното Собрание. Споменикот се состои од неколку сегменти. Агората претставена со фонтана и концентричен форум според авторот Томе Аџиевски го означува светот на живите. На средината на фонтаната е поставена скулптура на Прометеј. Портата симболизира премин од светот на живите во вечноста, а коњичката квадрила врз портата оддава почит на мртвите херои. Третиот сегмент e некрополис – ротонда од монументални столбови, кој треба да го претставува светот на вечноста. Во неговата средина има обелиск со скулптура на римската божица на победата, Викторија.
Бронзените скулптури се леени во српската леарница „Јеремиќ“, а градежните работи ги изведуваше скопски „Бетон“. За споменикот се потрошени околу 2,3 милиони евра.
» Форумска дискусија за овој споменик