Пред планираниот рок, вчера во Прилеп беше откриен споменикот „Карпалак“ на бранителите од Прилеп загинати кај месноста Карпалак во вооружениот конфликт од 2001 година. Обележјето во спомен на прилепските резервисти е високо 18 метри, со десет краци високи по 15 метри и топка висока околу 3 метри поставена на врвот од обележјето.
Осветлувањето на спомен – обележјето е составено од два дела, статична илуминација што ги осветлува краците и динамично осветлување на топката. Во рамките на овој проект е изграден и кружен тек, а планирано е да биде поставена и фонтана. Дел од зафатот беше и уредување на околината на споменикот со урбана опрема, како и асфалтирање на патната инфраструктура околу споменикот.
Целокупниот проект чинеше 30 милиони денари, а финансиските средства беа обезбедени од државниот буџет и буџетот на прилепската локална самоуправа. Градежните активности на проектот ги изведе компанија „Теракота“. На свеченото откривање на споменикот присуствуваа министерот за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
Форумска дискусија за овој проект » овде
Бојан Блажевски