На желбите и идеите на ЈСП – Скопје им нема крај. Последната молба за купување на панорамски двокатни автобуси беше поддржана од Владата па Градот Скопје ќе добие уште 15 панорамски двокатни автобуси по цена од 150.000 до 180.000 евра, колку што ќе чини еден примерок од ова превозно средство. И додека во Скопје ќе се купуваат панорамски автобуси, во поголемите градови од внатрешноста на Македонија нема ниту еднокатни автобуси, а камо ли јавно сообраќајно претпријатие.
Според првичните финансиски проценки, со предвидените 15 панорамски двокатни автобуси може да се купат околу 20 нови автобуси од производителот ЛАЗ, чија што цена е 125.000 евра од парче. Оваа бројка е доволна за организирање на јавно сообраќајно претпријатие во некој од поголемите македонски градови, како што се Куманово, Тетово или Битола. Принципот на распределба кај помалите градови би останал ист, така што автобусите би ги добиле како подарок од Владата за организирање на ефикасен и модерен јавен превоз.
Во книгата „Урбан шински сообраќај во Скопје“ од авторот Гордан Стојиќ се наведени нормативните акти со кои се врши распределба на патувањата на одредени видови превозни средства. Според оваа норма, за градови со 50.000 до 100.000 жители е предвидено организирање на јавен автобуски превоз, додека за градови со 100.000 до 200.000 жители е предвидено организирање на јавен превоз со тролејбуси и автобуси. Според пописот од 2002 година, Куманово, Битола и Тетово се градови, кои заедно со приградските средини имаат 100.000 жители, а со тоа го исполнуваат и условот за организирање на градски и приградски сообраќај.
Иако на хартија е предвидено да имаат воспоставен јавен превоз, во практика во овие градови нема организирано јавно сообраќајно претпријатие. Општините распределуваат градски и приградски линии во текот на годината, но истите ги опслужуваат приватни превозници со дотраени половни автобуси и комбиња. Покрај во Скопје, јавно сообраќајно претпријатие има единствено во Тетово. Општина Тетово се јавува како основач и сопственик на АТП Полет, но истото во моментов е во многу неповолна состојба.
Полет – Тетово не сообраќа од 2008 година поради големите долгови што предизвикаа одземање на дел од имотот. Судските спорови и стечајната постапка му предвидуваат неславна иднина на претпријатието, а еден од главните проблеми е и дотраените возен парк и хаварисаните возила. Општина Тетово сеуште не се откaжала од плановите за ова претпријатие, но речиси е сигурно дека во иднина ќе бидат потребни нови автобуси за превоз на патници.
Наспроти Тетово, Куманово и Битола се градови во кои воопшто не е основано јавно сообраќајно претпријатие. Јавниот превоз се организира од тамошните општини преку доделување на градски и приградски линии на кои сообраќаат приватни превозници. Сепак, моменталната состојба не е оптимистичка, бидејќи возниот парк е стар десетици години и е составен од половни возила купени на старо од странство.
За разлика од непотребните панорамски автобуси во Скопје, новите автобуси и организирањето јавни сообраќајни претпријатија во градовите Куманово, Тетово и во Битола се повеќе од потребни. Моменталната состојба на јавниот превоз и на бројот на жители во овие општини го бараат тоа.
Во меѓувреме, тендерот за панорамските двокатни автобуси е распишан од Министерството за транспорт и врски, но останува прашањето зошто Скопје да добие панорамски двокатни автобуси, кога помалите македонски градови немаат никакви автобуси?
Бојан Блажевски