Претходна статија
Пробиштип доби аква парк
Следна статија
Се гради кружен тек кај средното училиште Георги Димитров

ОСВРТ: Нема абер ниту од електрични автомобили, ниту од потребната инфраструктура за нив

Објавено на 21.08.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Град Скопје допрва ќе развива стратегија за изградба на инфраструктура за електрични автомобили, а Министерството за транспорт и врски молчи на прашањата за обезбедување финансиски средства за поттикнување на граѓаните за купување возила на електричен погон. За разлика од состојбата во нашата земја, во европските држави постои силна кампања за купување електрични автомобили, при што владите даваат државни субвенции на граѓаните кои ќе се одлучат да користат вакви превозни средства. Паралелно со субвенциите, градските власти од поголемите европски градови активно работат на стратегии за изградба на потребната инфраструктура за електрични возила, а во повеќе градови веќе постојат автоматски станици за полнење на електроавтомобили.

 

 

*станица за полнење на електрични автомобили во Марибор

 

 

Од Одделението за односи со јавност на Град Скопје велат  дека властите веќе работат на генерална развојна стратегија за сообраќајна инфраструктура, каде што ќе бидат вметнати и потребните услови за користење на електричните автомобили.  „Град Скопје е дел од регионалната соработка за енергетска ефикасност и со сигурност делот на обезбедување на инфраструктура за масовна употреба на возила на електричен погон ќе биде во фокусот на стратегиите кои ќе се разработуваат по завршувањето на проектите кои се работат во рамки на генералните сообраќајни стратегии“, истакнуваат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

 

 

*Градот Загреб ја доби првата станица за полнење на електрични автомобили

 

 

Од Министерството за транспорт и врски не добивме одговор за тоа дали и кога ќе се покрене иницијатива за воведување на државни субвенции за купување на електрични возила и дали се планира изработка на стратегија за употреба на овој вид возила на територијата на Македонија. Слично на молкот од ресорното министерство, и од ЕВН Македонија не добивме одговор за тоа дали постојат планови за изградба на полначи за електрични автомобили од нивна страна. Наспроти молкот од македонските институции, темата за развиток на потребната инфраструктура и популаризација на електричните автомобили се шири со силно темпо во државите од регионот.

 

 

Соседните држави забрзано ја развиваат потребната инфраструктура

 

Наспроти пионерските чекори на Македонија, Словенија има најразвиена инфраструктура во регионот за возилата на електричен погон. Само во Љубљана се поставени 16 автоматски полначи, додека во останатите градови од земјата се изградени уште 15 полначи за електричните автомобили. За граѓаните е отворена посебна интернет – страница, основана од словенечката електродистрибутивна компанија „Електро Љубљана“ и словенечката влада, преку која може да се информираат за постоечките локации за полнење на електрична енергија на возилата и најновите вести поврзани со плановите за развој на инфраструктурата.

 

 

*станица за полнење на електрични автомобили која работи на сончева енергија

 

 

И во Загреб веќе се отвори првата станица за полнење електрични возила од страна на Енергетскиот институт „Хрвоје Пожар“. Граѓаните веќе ја имаат можноста во текот на целата година бесплатно да го наполнат сопствениот електричен автомобил на оваа станица.  На граѓаните им е достапна и посебна интернет – страница преку која можат да се запознаат со електричните возила и предвидените проекти во иднина. Градот Загреб во соработка со Енергетскиот институт „Хрвоје Пожар“ го отпочна проектот „Стратегија за развој на енергетска инфраструктура за напојување на електрични возила на подрачјето на Град Загреб“ со кој ќе се определи потенцијалот за развој на пазарот на електрични возила и соодветната инфраструктура на територијата на Загреб.

 

 

*За разлика од бензиските станици, автоматските полначи совршено се вклопуваат во градовите

 

 

И додека во Македонија сеуште нема возила на електричен погон, ниту пак полначи за електрична енергија, во европските држави силно се поддржува употребата на овие возила. На патиштата во Чешка веќе се изградени околу 150 станици за полнење на електрични автомобили, иако во целата држава има регистрирано само околу стотина вакви возила. Од друга страна, градските власти од Амстердам имаат план да постават 750 полначи за автомобилите на електричен погон, со амбициозна стратегија до 2040 година комплетно да се исфрлат од употреба нееколошките возила.

 

 

Пофалби и критики за електричните автомобили

 

Во меѓународни рамки особено се актуелни возилата на електричен погон. Постојат бројни пофалби и критики за овој нов пронајдок кој значајно ќе ја измени иднината на постоечките автомобили. Приврзаниците на овие возила истакнуваат дека главната предност на електричните автомобили е делумната или целосната независност од фосилните горива. Земајќи ги во предвид податоците за ограничените количества на нафта во глобални рамки, електричната енергија се смета за вистинска алтернатива за придвижување на возилата. Електричните автомобили воопшто не ја загадуваат животната средина со јаглерод диоксид, доколку истите користат обновливи извори на енергија и воопшто не употребуваат бензин за придвижување.

 

Покрај пофалбите, постојат и бројни критики на сметка на електричните возила. Иако технологијата оди напред, сепак голем дел од понудените модели на овој вид возила сеуште испуштаат одредена количина јаглерод диоксид во воздухот со што не се сеуште конкурентни на железничкиот сообраќај во однос на ова прашање. Високата цена за купување, неможноста да се развијат поголеми брзини и ниската енергетска ефикасност се дел од критиките за возилата на електричен погон.

 

 

Бојан Блажевски