Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Напредува изградбата на Националната арена
Следна статија
Штип се задолжи со 2 милиони евра

ОСВРТ: ЈСП Скопје регионален лидер според староста на автобусите

Објавено на 07.04.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

ЈСП – Скопје по подолг период се поднови со 24 автобуси од украинскиот производител ЛАЗ. Замената на  автобусите е нужност за јавниот градски превоз во Скопје, ако се земат во предвид староста на автобусите во Скопје споредено со јавниот транспорт на околните балкански метрополи.

 

Просечната старост на возилата на ЈСП – Скопје изнесува 19,19 години, вклучувајќи ги единечните, дуплите, туристичките автобуси и минибусите. Последната набавка на новите автобуси за ЈСП – Скопје се случи во 1998 година, што укажува на фактот дека не постои континуирана обнова на возниот парк. Во споредба со соседните метрополи, Скопје има убедливо најстар возен парк во градскиот сообраќај.

 

#Статистичките показатели за Градското сообраќајно претпријатие – Белград покажуваат дека староста на единечните автобуси е 7,3 години, наспроти староста на дуплите автобуси од 8,33 години. Покрај, автобускиот сообраќај, Белград континуирано го обновува возниот парк на тролејбусите, бидејќи староста на единечните тролејбуси е 15,77 години, додека на дуплите тролејбуси е 7,6 години. По староста на возниот парк, скопските автобуси можат да се натпреваруваат со белградските трамваи, бидејќи нивната просечна старост е преку 25 години. Минатата година Белград доби и градска железница со една линија, која во моментов се надградува и проширува.

 

#Подружницата „Загребачки електрични трамвај“ го организира јавниот сообраќај во Загреб со автобуси и трамваи. Староста на возилата во Загреб е помала и од онаа во Белград. Во периодот од 2005 до 2010 година се набавени 142 нископодни трамваи и 214 нископодни автобуси. Денес, 84% од автобусите и 46% од трамваите во Загреб претставуваат нископодни и климатизирани возила. Загреб има и развиена градска и приградска железница.

 

#Многу важна карактеристика за соседните метрополи е  купувањето на нови возила од домашно производство. Сите нископодни трамваи во Загреб се купени од хрватската фирма „Crotram“, исто како и најголемиот дел од автобусите на „ГСП – Белград“ купени од српскиот производител „Икарбус“. За жал, по подолг период, ЈСП – Скопје ќе се поднови со автобуси кои не се произведени во скопската фабрика за автобуси „Санос“.

 

#И Љубљана може да се пофали со многу понов возен парк од оној на ЈСП – Скопје, иако се работи за објавени податоци од 31.12.2006 година. Староста на љубљанските автобуси во 2006 година изнесувала 11 години и 6 месеци, а во тој период Љубљана имала 111 нископодни и 70 климатизирани автобуси во рамките на јавниот градски сообраќај. Приградскиот автобуски сообраќај се одвивал со автобуси, чија просечна старост изнесува 7 години и 1 месец.

 

Во модернизацијата на возниот парк не престигна и Сараево, град кој претрпи огромни оштетувања во мрежата на градскиот сообраќај за време на војната. Податоците на претпријатието „Грас“ од Сараево покажуваат дека во Сараево се набавуваат автобуси континуирано од 2005 до 2009 година од марките Ман, Икарбус и Фап. Истовремено, во 2004 година се купени нови трамваи „Satra 2“ за модернизација на сараевскиот трамвајски превоз. Сараево може да му конкурира на Скопје во староста на тролејбусите, бидејќи најновите сараевски тролејбуси се произведени во 1996 година.

 

Статистичките бројки од околните метрополи покажуваат дека Скопје има најстар возен парк во јавниот градски сообраќај. Новите еднокатни и двокатни автобуси на ЈСП – Скопје ќе ја решат моменталната старост на автобусите, но аргументите од соседните балкански градови одат спроти нас. Сите соседни метрополи, покрај автобуси, имаат и други видови на превозни средства (тролејбуси, трамваи, градска железница), кои успеваат паралелно да ги заменуваат со нови возила. Наспроти нив, ЈСП – Скопје заедно со локалните скопски власти едвај успеваат да го оддржат во живот моменталниот возен парк на градот. Состојбата во јавниот сообраќај во Скопје со новите автобуси е подобрена, но истовремено треба да се размислува што му недостига на системот на јавниот превоз во Скопје. ЈСП – Скопје подолг период не може самостојно да набави нови возила, а истовремено работи со загуба. Ако продолжи со ова темпо, за 10 години ќе треба некоја друга влада повторно да вложи од државниот буџет за купување на нови автобуси во главниот град.



Бојан Блажевски