Претходна статија
Возилата ќе добијат еколошки налепници, субвенции ќе има за набавка на електрични и хибридни возила
Следна статија
Тендер за каскадно уредување на коритото на река Пена во Тетово

ОСВРТ: Изложба како реакција на негрижата кон спомениците од НОБ во Скопје

Објавено на 09.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Спомениците и спомен – обележјата од Народноослободителната борба (НОБ) на територијата на Скопје во изминативе години биле ретко, но континуирано, третирани од новинарите од аспект на нивната запуштеност. За испишаните зборови, урнатите бисти, откорнатите букви и останатите форми на изживување врз нив се напишани новинарски текстови кои очигледно не допреле до ушите на надлежните власти, земајќи ја во предвид тековната состојба во која што се наоѓаат овие обележја во нашиот главен град. Сепак, по подолг период пред скопската публика за прв пат е организирана изложбена поставка што се занимава со оваа тема, обидувајќи се уште еднаш да ја нагласи потребата од поголема грижа за спомениците и спомен – обележјата од НОБ во Скопје.

 

 

По повод одбележувањето на 74 – годишнината од Денот на ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор, во Музејот на град Скопје на 12 ноември беше отворена изложбата со наслов „Регистратура: актуелни состојби – инакви значења“ од фотографот Станимир Неделковски. Авторот се нафатил по подолг период на општествен молк да ја актуелизира состојбата во која се наоѓаат спомениците и спомен – обележјата од НОБ во Скопје низ објективот на фотоапаратот. Како надополнување на изложените фотографии изложени во музејските простории е изработен каталог за изложбата, во кој се поместени рецензиите на Валентино Димитровски и Лазо Плавевски.

 

„Девастирањето на јавните простори (парковски површини и плоштади) каде што се позиционирани овие споменици, се спроведуваше преку урбанистичко стеснување на просторот и загрозување на природниот и логичен амбиент на секој споменик, со несоодветна урбана опрема и хортикултурни решенија што ги маргинализираа спомениците до случајни објекти во амбиентот, а во одреден број случаи и со грубо одземање и минимизирање на околниот простор на овие споменици од страна на новоподигнатите од „проектот“ Скопје 2014“ ќе забележат рецензентите во однос на положбата во која се наоѓаат спомениците и спомен – обележјата од НОБ во Скопје.

 

Главниот збор во изложбената актуелизација на оваа тема го има самиот автор Станимир Неделковски, кој низ десетиците фотографии се обидува да изврши архивирање низ своевидна регистратура на она што останало од материјализираното колективно сеќавање и почит на македонското општество кон борците од НОБ. Во таа смисла, фотографиите од изложбата на Станимир Неделковски бравурозно се наоѓаат на границата помеѓу информативното и уметничкото.

 

Информативната нишка на изложените фотографии ни ги прикажуваат степенот на заборавеност и на девастираност на овие споменици во скопскиот јавен простор. Визуелизациите не се еднонасочни, во намера да го вперат прстот единствено кон негрижата на општинските власти и државните институции што се надлежни за нив. Овие фотографии се обидуваат да го прикажат и отсуството на внимание од самите граѓани кон поставените споменици и спомен – обележја од НОБ во заедничкиот јавен простор. Околу нив се паркираат возила, се оставаат велосипеди или се фрлаат отпадоци како израз на некултура кон историската оставштина.

 

Вториот аспект, со кој авторот ја надминува сферата на фоторепортерството и навлегува длабоко во фотографијата, е уметничката нишка на фотографиите изложени во рамките на привремената поставка. Станимир Неделковски со забележителен успех го вградува уметничкото во изработените фотографии што ја регистрираат положбата во која се наоѓаат спомениците и спомен – обележјата од НОБ. Вреди да се потенцира уметничката вредност на фотографиите што опфаќаат детаљи од бистата на Цветан Димов лоцирана на улицата Борис Трајковски и спомен – обележјето на местото на куќата на првоборецот Роберт Гајдик – Славо (автор: Петар Хаџи Бошков) на улицата Даме Груев.

 

 

Активистичкиот пристап при изработувањето на фотографиите може да се забележи и преку фотографираните агли на некои од спомениците, со кои авторот се обидува да оформи непосреден контакт на самото споменично обележје со околниот простор. Во овие ситуации, авторот Станимир Неделковски коментира низ фотографијата, запрашувајќи се зошто околу Споменикот на слободата (автор: Иван Мирковиќ) пред македонската влада е поставена ограда. Во поглед на идентичниот споменик, една од фотографиите на авторот се запрашува и што се случило со фасадата на владиниот објект што се наоѓа во неговата позадина.

 

Согледувајќи ги сите овие аспекти, може да се констатира дека поставените фотографии во Музејот на град Скопје во целост ги задоволуваат зборовите вткаени во самиот наслов на изложбата „Регистратура: актуелни состојби – инакви значења“. Окото на авторот го регистрирало отсуството на грижа за нивното одржување, но и недостакот на разбирање за причината поради која што овие споменици и спомен – обележја од НОБ се подигнати во главниот град. Како дополнителна вредност што треба да се додаде на ваквата констатација е уметничката нишка која авторот успева да ја вметне во фотографиите.

 

 

Оваа изложбена поставка ќе биде отворена во Музејот на град Скопје во текот на месец ноември. Заедно со случајните минувачи и редовните посетители на изложбените поставки во Скопје, неа задолжително треба да ја посетат административните службеници, општинските советници, државните чиновници и урбанистите од скопските локални самоуправи. Самите тие се своевидни „автори“ на состојбата во која се наоѓаат спомениците и спомен – обележјата од НОБ на територијата на Скопје, но истовремено се и едни од ретките единки што можат да издејствуваат надминување на постојната негрижа кон оние што се бореле за ослободувањето на нашиот главен град.

 

 

Текст, фотографии: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk