Една од најпопуларните идеи за намалување на сообраќајниот метеж и растоварување на јавниот превоз е основање на градска железница. Скопје заедно со изградениот железничкиот јазол има идеални услови за формирање на градска железница во склоп на јавниот градски превоз.
Градската железница во Скопје би ги поврзала Транспортниот центар со околните градски и приградски населби. Сегашниот развој на скопскиот железнички јазол дозволува формирање на барем две градски железнички линии кои би се вклопиле во постојниот превоз на ЈСП. Првата и главна железничка линија со почеток од Зелениково преку Орешани, Долно Лисиче, Драчево, Лисиче, Кисела Вода и Транспортен центар кон Маџари, Хиподром, Аеродром Петровец, Петровец и Миладиновци. Втората железничка линија би поаѓала од Транспортен центар кон Железара, Скопје Север, Визбегово, Злокуќани, Даме Груев, Ѓорче Петров кон Волково или кон Сарај, Кондово и Радуша и обратно.
Двете градски железнички линии постигнуваат должина од преку 30 километри на појас во кој живеат десетици илјади жители. Огромен дел од инфраструктурата на градската железница е веќе изграден, освен поврзувањето со скопскиот аеродром, па така потребна е единствено надградба и реконструкција на сегашната железничка мрежа и зголемување на бројот на стојалиштата.
Главната идеја на градската железница е да се поврзе со јавниот превоз на ЈСП. Имено, постоечките приградски автобуски линии кон кои паралелно постои пруга би се укинале и би се замениле со градската железница. Наместо автобусите да поаѓаат од Транспортниот центар, истите би поаѓале од сегашните железнички станици и стојалишта кон околните населби и села. Со ова би се растоварило централното градско подрачје од автобуси и автомобили, а би се ангажирал скопскиот железнички јазол кој не е искористен со целиот свој капацитет.
Фактите говорат дека железницата во Скопје моментно не е доволно искористена, за разлика од јавниот превоз и градскиот патнички сообраќај. На Железничката станица во Скопје се останати како недоградени 5 колосеци кои би можеле да се искористат за приградската железница, а вкупниот број на возови кои поаѓаат и пристигнуваат на истата во моментов е сведен на само 44 возови дневно.
Како би функционирала градската железница во Скопје?
1. Градската железница би влегла под капата на Град Скопје во сопственост на ЈСП Скопје или како посебно јавно претпријатие. Градот Скопје заедно со владини средства и европските развојни фондови би го финансирал главниот проект, целокупната документација и средствата за изградба;
2. Долж потегот на градската железница би се реконструирале и изградиле нови стојалишта и станици на растојание од 700 метри до 2 и пол километри, по примерот на градската железница во Загреб. Секое стојалиште би добило свои перони во должина од 160 метри со компјутеризирани билетарници, електрични табли за најавување на возовите, како и комплетна урбана опрема;
3. Градската железница би ги користела постоечките пруги од Скопскиот железнички јазол, како и дел од пругата кон Волково или кон Кичево. На дел од постоечката инфраструктура би се изградил и втор колосек за непречено функционирање на целокупниот систем;
4. Би се изградила железничката врска со Аеродром Петровец, кој би се поврзал со сегашната пруга од Коридор 10. Оваа делница би можела да се изгради и на основа на јавно-приватно партнерство со компанијата ТАВ. Скопскиот аеродром би добил модерна железничка станица, која ќе овозможи наголемувачкиот број на патници преку градската железница да се поврзе директно со центарот на градот и скопските населби;
5. Возниот парк на градската железница претставува еден од главните сегменти за инвестиција. За функционирање на скопската градска железница би биле потребни 10-тина гарнитури, а за пуштање во употреба на првата линија би биле потребни од 4 до 6 електромоторни гарнитури слични на оние што се во сопственост на Македонски железници – Транспорт;
6. Двете линии на градската железница во дневните шпицови би сообраќале на 15 минути, а во остатокот од денот на секои 20 до 60 минути во согласност со постоечките примери од Загреб и Белград.
Балканските градови и градската железница
1. Белградската градска железница (БГ воз) се пушти во употреба на 1 септември 2010 година. Првата линија пробно функционира на потегот од Нови Београд до Панчевачки мост, при што се планира да се прошири до Батајница. Во текот на 2011 година е планирано пуштање во употреба на втората линија од Раковица до Прокоп Центар, а до 2014 година ќе се пуштат во употреба линиите Рипањ – Прокоп Центар, Батајница – Крњача, Лазаревац – Ресник, Младеновац – Ресник и Умчари – Раковица. Капацитетот на белградската градска железница е 2700 превезени патници на 1 час, а за првичните потреби ќе се користат 9 електромоторни гарнитури;
2. Загребската градско-приградска железница дневно превезува 70.000 патници. Главната градска линија е на потегот Савски Мароф – Загреб Главни колодвор – Дуго Село, односно на релациите Загреб Гл.к – стојалиште Подсусед, Загреб Гл.к – Сесветски Краљевец, Загреб Гл.к – Одра и Загреб Гл.к – Маврачиќи во вкупна должина од 58 километри. За потребите на градско-приградската железница се користат 16 електромоторни гарнитури, а во периодот до 2012 година е планирано да се набават нови 18 електромоторни гарнитури. Во делот на градската железница во Загреб, важи единствениот тарифен систем за јавен превоз заедно со автобускиот и трамвајскиот транспорт;
3. Градската железница во Софија е планирано да се воспостави како дополнение на постоечкиот автобуски, трамвајски и метро транспорт. Главната причина за воспоставување на градската железница лежи во преоптеретеноста на постоечкиот јавен превоз, но и на софиските улици и булевари. „Важно за овој проект е тоа што ќе се користи постоечката железничка инфраструктура на Софија, која има неискористен капацитет и за неа не се потребни големи инвестиции, истакнува директорот на „Железнопатната администрација“ Симеон Ананиев за агенцијата „Фокус“. Покрај во Софија, во градска железница ќе добијат и градовите Пловдив и Бургас, за што во моментална изработка е проектот „Супер Бургас“.
Форумска дискусија на оваа тема » овде
Бојан Блажевски