Претходна статија
„Скопје изнајми велосипед“ ќе се прошири со уште 90 велосипеди
Следна статија
„Пелагонија“ од Гостивар ќе ја проширува улицата „Јордан Мијалков“

Осум понуди за рехабилитација на пругата Куманово – Бељаковце

Објавено на 04.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Наместо минатогодишното владино ветување дека пругата ќе започне да се реконструира во првиот квартал од годинава, рехабилитацијата на железничката делница од Куманово до Бељаковце сепак ќе стартува во март 2014 година. Во просториите на Македонски железници – Инфраструктура денеска беа отворени доставените понуди на осум странски компании. Грчките „Актор“ и „Терна“, австриските „Штрабаг“ и „Пор“, германската „Вибе“, кинеската „Синохидро“, чешката „Субтера“ и турската „Ачилим“ учествуваа на меѓународниот тендер за реализација на санацијата на пругата во должина од 30,8 километри. „Вибе“ достави најниска понуда во износ од 41.441.469 евра, додека најмногу пари за изведба на зафатот побара „Ачилим“, дури 58.319.595 евра.

 


* Пругата Куманово – Бељаковце, дел од коридорот 8

 

 

„Вибе“ понуди и можен попуст во износ од 1.687.850 евра, кинеската „Синохидро“ истиот го ограничини на 2 до 3 отсто од вкупната цена, додека чешката „Субтера“ е согласна за попуст од 3 отсто. По евалуацијата на доставените понуди, до крајот на годинава треба да се потпише договорот со победничката компанија. Според објавените информации од МЖ – Инфраструктура, рехабилитацијата ќе се состои од поставување нови шини и прагови, изведба на осум моста од кои најдолгиот е со должина од 120 метри, изградба на три станични згради и три згради за сместување на постројките за регулирање на сообраќајот, како и поставување на напојувачка, телекомуникациска и сигнално – сигурносна опрема.

 

Рокот за завршување на реконструктивниот зафат изнесува три години и се очекува истиот да биде комплетиран најдоцна до 2017 година. На оваа делница од железничкиот Коридор 8 е предвидено возовите да се движат со брзина од 100 до 120 километри на час. Рехабилитацијата на пругата од Куманово до Бељаковце е првата од трите фази за железничко поврзување со Бугарија. Покрај за оваа делница, во моментов се изготвува техничката документација и за делниците Бељаковце – Крива Паланка во должина од 36 километри и за Крива Паланка – Деве Баир во должина од 23 километри.