Претходна статија
„Барокот“ на „Сити галери“ проголта нови 280.000 евра за непредвидени работи
Следна статија
РЕПОРТАЖА: Патување меѓу градови со трамвај - чудото од полска Шлезија

Општина Центар: Во нашиот двор нема да се гради Старата учителска школа

Објавено на 22.01.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Старата учителска школа ќе се гради во дворот на Генералштабот на АРМ, кој се наоѓа на парцелата до општинските бараки на Центар. Општина Центар денеска информираше дека одлуката е донесена од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, така што самата парцела на која се планира тој објект е предвидена за „градби од посебен интерес“. „Како што информиравме во повеќе наврати, Владата направи упад во ингеренциите на општината и го одзема земјиштето преку горенаведената одлука. Поради тоа, уште во 2015 година, градоначалникот на општина Центар покрена иницијатива пред Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста. До ден денес, Уставниот суд се нема произнесено по ова прашање“ соопштуваат од општина Центар.

 

 

Ист ваков упад, владата направила и за уште две парцели на територијата на општина Центар, односно за парцелата на која се наоѓаат бараките на ПУИГ и за земјиштето на кое се лоцирани бараките на Град Скопје. Локалните власти велат дека ниту дозволиле, а ниту пак ќе дозволат било каква градба, при што постапка за овие незаконски одлуки се водат пред судовите од страна на градоначалникот Андреј Жерновски. Од општина Центар сметаат дека вистинската адреса за критика е владата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

„Од друга страна, изработката на ДУП „Дебар Маало“ според новиот ГУП од 2012 година, започна во почетокот на 2013 година, а по добивање на Решение за конзерваторски основи од Министерството за култура. Јавната анкета се одржа од 13.07-11.09.2015 година, со продолжување до 28.09.2015, што е прв случај од ваков вид во општина Центар. Додека се решаваа забелешките по анкетата, Министерството за култура, со Решение за престанок на заштита на споменичната целина Дебар Маало, не дозволи продолжување на планот без одобрување на нови конзерваторски основи“ посочуваат од општина Центар.

 

Од локалната самоуправа информираат дека овие одобрувања, кои се неопходни за да продолжи целата процедура за конечно носење на ДУП-от, се чекаат од надлежното министерство уште од февруари 2016 година. Блокадата за донесување на новиот ДУП трае година дена, а како главен виновник за неа од општина Центар ги посочуваат Конзерваторскиот центар и Министерството за култура-Управата за заштита на културното наследство на Р.М.