Претходна статија
Скопје и Тетово ќе добијат „зелени“ билборди за прочистување на воздухот
Следна статија
Надворешни дрвени подови - Совети од архитекти за топлина и елеганција во домот

Општина Центар усвои одлука за идниот изглед на Кејот „13 Ноември“

Објавено на 20.03.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Советот на општина Центар на денешната седница донесе одлука за изглед на градба, пешачки улици и патека за Кејот „13 Ноември“, на потегот од улицата „Филип Втори Македонски“ до објектот на Телеком. Според усвоената програма на локалната самоуправа, на скопското шеталиште нема да се гради никаква улица, туку ќе биде поставено зеленило, клупи, чешми и жардиниери со дрвја кои би имале функција на дрвореди. Одлуката беше усвоена со гласовите на СДСМ и на коалиционите партнери, додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ се спротиставија на овој потег и не гласаа за предложениот документ.

 

 

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски објасни дека денешната одлука означува стопирање на изградбата на улица на кејот на Вардар. „Ние водиме сметка за интересите на граѓаните и убедени сме дека најголемиот дел од нив се против уништување на шеталиштето на кеј. Одобрението за изградба на оваа улица е издадено од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во сабота, на 31-ви декември, денот на дочекот на новата 2017-та година, а пред два дена, во сабота, инвеститорот почна со изведување на градежните работи без никаква документација за изградба на ова градилиште“ истакна Жерновски.

 

Првиот човек на општината денеска одговори на прашањето од Град Скопје зошто не е променет ДУП-от за Мал Ринг во изминативе четири години. Тој вели дека конзерваторите веќе две и пол години не ги даваат потребните дозволи, како услов за почеток на усвојувањето на нов урбанистички план. Советниците од владејачкото мнозинство во општина Центар го задолжија Секторот за инспекциски работи веднаш да спроведе инспекциски надзор за преземените градежни активности на терен.

 

Градежните работи за изведба на планираната надземна улица започнаа во саботата, кога беше ограден дел од просторот кај хотелот „Холидеј ин“. Проектната документација за улицата ја има изработено фирмата „Чакар партнерс“, а финансиските средства треба да ги обезбеди „Дивелоп Груп“.