Обновен е паркот на просторот помеѓу висококатниците на улиците Народен Фронт и Васил Ѓорѓов во скопската населба Капиштец. На површина 20.000 метри квадратни, од кои 12.000 се тревна површина, има две детски игралишта за деца од различни возрасти и кошаркарски игралишта са соодветна подлога. Поставена е урбана опрема и два типа осветлување – амбиентално и високо осветлување, со канделабри. Исто така е изведен автоматски систем за полевање, а техничка вода се црпи од два новоископани бунари
Во паркот „Капиштец“ се засадени 18 зимзелени дрвја, 6 листтопадни цветни дрвја, 6 високи грмушки, 582 цветни листопадни и зимзелени грмушки, кои цветаат во различни периоди од годината, 104 листопадни грмушки, 430 декоративни зимзелени грмушки, 184 покривачи, 4010 перени, 20 високи украсни треви, 870 мини треви и 1450 луковици од лале, зумбул, нарцис и мускари.
Паркот е лоциран во еден од најгусто населените делови на Скопје, на простор којшто има еден од најмалите проценти на зелени површини по глава на жител во градот. Неговата обнова е проект на Општина Центар, која за оваа намена вложи 510 илјади евра. Изведбените активности започнаа во јули годинава и ги вршеше „АК Инвест“ од Тетово.