Претходна статија
Објектот „Емпорио“ од 15.000, порасна на 30.000 метри квадратни
Следна статија
Тројно зголемен бројот на предвидени станови за градење во јули

Општина Центар: Нема промени во постоечкиот ДУП за Дебар Маало

Објавено на 10.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

ДУП Дебар Маало 1Како паушални и целосно несериозни коментари ги оценува општина Центар вчерашните тврдења на невладината организација „Плоштад Слобода“ за претстојната градежна експанзија и уништување на зеленилото во скопската населба Дебар Маало. Од локалната самоуправа денеска соопштија дека нема значајни промени на новиот ДУП за Дебар Маало, за кој јавната расправа по предлог измените трае цели два месеци. Единствената причина за донесувањето на измените во ДУП Дебар Маало – 1 и во ДУП Дебар Маало – 2 е усогласувањето на границите на градските четврти по Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Од општина Центар информираат дека немаат надлежност за намалување на катноста на зацртаната зграда со висина од 55 метри што треба да се гради на местото на бараките на општината. „Во секој нов план, согласно член 46 од „Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање“ еднаш стекната височина, не смее да се менува. На местото на бараките на општина Центар, според ДУП-овите од 2011 и 2012 година предвидена е катност од приземје и 15 спрата. Намената е јавна институција и решенијата се од постоечкиот ДУП“, се наведува во соопштението на општина Центар.

 

Од локалната самоуправа тврдат дека немаат ингеренции за двете градежни парцели кои го опфаќаат просторот каде сега се бараките на АДСДП. Со одлука на Влада на Р.М. за утврдување на градби од посебен интерес, објектите се под ингеренција на Министерството за транспорт и врски, што значи дека општината не може да има никаква надлежност за тие парцели. Од општина Центар посочуваат дека се дезинформации податоците дека ќе се зголемува катноста на пазарчето Буњаковец. Во предлогот на новиот ДУП, јасно се гледа дека е планиран приземен објект со висина согласно правилата.

 

Покрај реакцијата на вчерашните информации од „Плоштад Слобода“, од општина Центар ги покануваат сите заинтересирани субјекти и индивидуи да ги достават своите забелешки за двата урбанистички планови за Дебар Маало до утрешниот ден, како краен рок за реализација на нивната јавна презентација.