По едномесечното укинување на мораториумот за градење од страна на Уставниот суд, Општина Центар денеска излезе со реакција дека правниот тим ги разгледува сите опции за одбрана на мораториумот, со кој ќе се искористат правните можности за да се донесат нови и подобри урбанистички планови. „Во моментов со правниот тим ги разгледуваме опциите и многу брзо ќе излеземе со информација во јавноста. Апелирам до Уставниот суд, во 30 – те дена, колку што ќе трае времената мерка, да ја преиспита својата одлука“, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Покрај од уставните судии, градоначалникот Богдановиќ побара и од Градежната комора и од Комората на Северо – Западна Македонија да ја повлечат иницијативата од Уставниот суд, со што би дозволиле спроведување на измените во ДУП – овите за повеќе зеленило и детски игралишта за граѓаните. Градоначалникот Саша Богдановиќ посочува дека резултатите од мораториумот за градење се видливи со усвојувањето на двата ДУП – а за „Мирче Мацан“ и „Ново Маало – 1“ на 14 март.