Претходна статија
Се санира пешачко - велосипедската патека на булевар Илинден
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Споменикот на Мајка Тереза тивко почна да се гради

Општина Центар ќе забрани градежни активности на Кејот на Вардар

Објавено на 30.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска на прес – конференција информираше дека вчера до Советот доставил одлука со која се забрануваат градежни активности во опфатот помеѓу реката Вардар, улица Војвода Васил Аџиларски, улица Димитрија Чуповски, улица Македонија, плоштад „Македонија“ и Камени мост. Со оваа одлука до крајот на годинава би биле забраниле сите градежни работи на Кејот на реката Вардар. Првиот човек на Општина Центар го повика скопскиот градоначалник Коце Трајановски да се откаже од идејата за изградба на пристапна улица со режим на сообраќај на Кејот „13 Ноември“.

 

 

 

„Јас и советниците од нашата коалиција, на ваквиот чекор се решивме откако минатата недела, советот на Град Скопје, одлучи на Кејот да се гради транспортна улица. Ваквата улица целосно би го уништила кејот, би го ограничила движењето на граѓаните, и со нејзино градење би изгубиле еден јавен простор. Со ваквата улица трајно би се сменил изгледот и функционалноста на Градскиот трговски центар и би го изгубиле едно од најубавите шеталишта во Скопје“, изјави градоначалникот Андреј Жерновски.

 

На ваквата иницијатива од Општина Центар, градските власти реагираат дека пристапната улица на Кејот „13 Ноември“ е предвидена со Деталниот урбанистички план донесен од Општина Центар. „Станува збор за пристапна улица со посебен сообраќаен режим за која Град Скопје има законска обврска да издаде согласност, а ќе ја гради приватен инвеститор. Повторуваме, станува збор за пристапна улица, која нема да биде сообраќајна и истата ќе биде уредена од плочки, а не од асфалт слично на улицата Никола Вапцаров. За оваа пристапна улица ќе важи посебен режим за движење на моторните возила, поточно истата ќе биде достапна само за службените возила на Телеком, за достава на роба до околните угостителски објекти, како и за пристап на противпожарните возила и возилата за брза помош“, посочуваат од Градот.

 

Измените во Деталниот урбанистички план со кои беше предвидена изградба на надземна улица на кејот беа усвоени во 2012 година од претходниот состав на Советот на општината, за време на градоначалникот Владимир Тодоровиќ. ДУП-от го изготви Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „ИНПУМА“ од Скопје. Улицата ќе ја гради фирмата „Дивелоп Груп“, која ја презеде оваа обврска како инвеститор на зградата во која денеска е сместено седиштето на „Македонски Телеком“.

 

 

Бојан Блажевски