Претходна статија
Продолжува постапката за донесување на ДУП-от за Карпош 4
Следна статија
По експресен пат кон Крива Паланка ќе се возиме од 2019 година

Општина Центар ќе ја блокира изградбата на улицата на кејот и на „шпанските скали“

Објавено на 06.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Изградбата на пристапна улица на Кејот „13-ти Ноември“ и на шпанските скали на плоштадот „Македонија“ ќе се спречат со прогласување на туристичка зона на овие делови од центарот на Скопје, со што ќе постане нелегална изградбата на овие објекти. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска одржаа прес – конференција на скопскиот кеј, од каде што порачаа дека небулозните градби и скулптури од проектот „Скопје 2014“ не им носат корист на граѓаните.

 

* Извор на фотографија: Општина Центар

 

 

„Денеска на седница на Советот на општина Центар, ќе донесеме забрана за градба на овој потег, кој ја опфаќа и улицата на Кејот, но одлуката ќе ја опфати и изградбата на Шпанските скали, а не само на оваа небулозна улица. Нема да дозволиме и изградба на Шпански скали. Ја повикуваме власта да се откаже од изградбата на вакви градби, во спротивно ќе изгласаме забрана на истите. Упатуваме покана и до стручната јавност да се вклучи во ова, ги повикуваме и граѓаните и невладините организации, бидејќи ова е битка за интересот на граѓаните“, истакна градоначалникот Жерновски.

 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев посочи дека централното градско подрачје постанува проблематично место за живеење. „Од бомбите, од прислушуваните разговори, чувме дека Никола Груевски е главен планер и архитект за градбите и спомениците во Скопје. За проектот „Скопје 2014“ нема анкета и граѓаните не се прашани за инвестицијата од 600 милиони евра. Сообраќајниот метеж, со ова бидејќи нема инфраструктурна поставеност, дополнително се компликува. Ние од СДСМ, градоначалникот Жерновски и опозициските советници градиме партнерство со граѓаните“, изјави Заев.

 

Градските власти на ваквата иницијатива од Општина Центар одговорија со своја реакција. „Градот Скопје реагира на тврдењата на градоначалникот Жерновски дека Град Скопје ќе гради улица на Кејот „13 Ноември“, кога всушност станува збор за пристапна улица што ќе се гради на Кејот 13 “Ноември“, која е предвидена со Детален урбанистички план донесен од Општина Центар, а ќе ја гради приватен инвеститор. Значи, Град Скопје не е институцијата која ја има вцртано оваа улица и Град Скопје не е таа која ќе ја гради“, се вели во реакцијата на градските власти.

 

Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со став дека градоначалникот Андреј Жерновски и лидерот Зоран Заев се мешаат во работата на Град Скопје со најавите за забрана на градење во централното градско подрачје. Според нивното мислење, градските власти организирале јавни анкети за да се чуе мислењето за градежните активности од доменот на нискоградба и на високоградба. „Впрочем, сите изградени објекти кои за нив се бескорисни и не биле во дослух со желбите на народот се по предлог и со потпис на образовани архитекти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.