За изградба, реконструкција и санација на јавни површини во центарот на Скопје изработени од завршен слој од префабрикувани елементи, ќе се потрошат уште 60 милиони денари. Локалната самоуправа од Центар склучи договори со компаниите „Пелагонија“ од Гостивар, „Бауер БГ“ од Скопје, „Ексико“ од Скопје, „Тератрејд“ од Скопје, „Жикол“ од Струмица, „Анизор“ од Скопје и „Урбан инвест“ од Кавадарци за партерно уредување на пешачки зони кои ќе се реализираат во наредните 24 месеци. Поставувањето павер елементи во централното градско подрачје со засилено темпо започна да се имплементира во текот на претходните неколку месеци. Најголем проект во вредност од 32 милиони денари е уредувањето на шеталиштата за пешаци на улиците „27 март“, „Наум Наумовски – Борче“, „Осма Ударна Бригада“ и „Скопска“ во околината на хотелот „Јадран“ во строгиот центар на градот.
Општина Центар во изминатиов месец го финишираше санирањето на неколку јавни површини на нејзина територија. Просторот околу Градски ѕид на улицата „Даме Груев“ од полициската станица „Беко“ до улицата „11 Октомври“ се поплочи со вештачки гранит и се поставија жардинери на целиот потег во должина од 400 метри. Паралелно се заврши реконструкцијата на пешачката патека на улицата „Васил Ѓорѓов“ во населбата Капиштец, а во моментов се санираат старите тротоари на улицата „Народен фронт“, на потегот од Цветен пазар до улица „Рузвелтова“. Во речиси сите зафати врз стариот асфалт се поставуваат нови плочи од вештачки гранит, бехатон плочи и рапави терацо плочи (кулир). Од општината засега не објавуваат конкретни информации за висината на финансиските средства што во претходните неколку месеци се вложени за оваа намена.