Мораториумот за изградба на нови објекти на територијата на Општина Центар ќе биде продолжен за уште два месеца. Советот на општина Центар утре ќе одлучува за оваа точка предложена од градоначалникот Саша Богдановиќ, со која би се запрело спроведувањето на 31 детален урбанистички план во оваа општина. Одлуката за мораториум стапи на сила на 28 декември 2017 година. Од општината велат дека зададениот рок бил прекраток за да се направи анализа на сите урбанистички планови и да се овозможи законитост во постапувањето.
„Дуповите кои што се донесени главно во времето кога со општината раководеше Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ, и дел од нив се носеа во ноќните часови, не се целосно изработени според законските обврски и правила и се појавуваат недостатоци во урбанистичко планската документација која не е во согласност со Генералниот урбанистички план. Дел од Дуп – овите се стари и планскиот период за кои се донесени е изминат“ велат од Општина Центар.
Мораториумот за градење значи дека со претстојната одлука и во наредните два месеца ќе бидат запрени постапките за издавање одобренија за подготвителни работи и постапките за издавање одобренија за градење. Сепак, општинските власти велат дека сите започнати објекти пред донесувањето на одлуката за Мораториум ќе можат да продолжат да се градат без прекин. Со претстојното усогласување на урбанистичко планската документација со законските обврски ќе се создадат услови за хумано живеење и вклучување на јавноста во донесувањето на целокупната документација, велат од Општина Центар.