Локалните власти од Струга ќе градат нов дрвен мост на реката Дрим, на местото на некогашниот мост кој помеѓу стружани беше познат и како „Мостот на Нина“ [»мапа]. Струшкиот градоначалник Зијадин Села информираше дека е воспоставен контакт со фабрика за производство на дрвена граѓа, која ќе биде ползувана за повторна изведба на дрвениот мост. „Обезбедени се средства за оваа намена во буџетот на општината, а доколку има потреба ќе направиме и ребаланс“ посочува тој.
* Победничкото идејно решение за новиот мост од 2012 година
Стариот дрвен мост во центарот на Струга беше демонтиран од претходното локално раководство во 2011 година. Тогашните објаснувања беа дека „Мостот на Нина“ мора да се урне од безбедносни причини. Истовремено, Општина Струга во текот на 2012 година изработи и ново идејно решение за објектот, кое предвидуваше стаклена ограда и исклучување на скалишната конструкција што ги поврзува двата брега.