Гасот како енергенс се повеќе станува атрактивна тема на интерес, иако оформувањето на магистралната гасоводна мрежа во државава е сеуште е на ниво на документација. Локалната самоуправа на Штип заедно со претставници на бугарската фирма „Овергас“, ги претставија двете решенија за гасификација на индустриските објекти во градот. Во согласност со првата варијанта, процедурата треба да започне со изработка на физибилити студија на ниво на главен проект за гасификација, која би се реализирала во период од три до шест месеци, а втората опција е да се направи локална гасификација за индустриските објекти. Конкретни рокови сеуште не се објавуваат, но проценките се дека потребната документација би можела да се изработи во краток временски период.
По примерот на Струмица, локалните власти од Штип размислуваат да изведат виртуелна гасификација во градот, при што овој начин на донесување на гасот би се користел додека не се оствари планираниот крак од магистралниот гасовод, кој од Клечовце преку Штип треба да се изгради до Неготино. Македонски енергетски ресурси (МЕР) и „Стројтранс гас“ веќе потпишаа Меморандум за соработка за овој проект, при што изминатиов период забрзо се одвива експропријацијата на приватното земјиште на кое треба да минуваат цевките. До крајот на 2012 година треба да се парафира финалниот договор со руската страна. Ако се испочитуваат ветувањата, тогаш во првата половина од 2013 година треба да започне долгонајавуваната инвестиција во вредност од 75 милиони долари.