Претходна статија
Голема продажба на парцели во поранешната битолска касарна
Следна статија
Нов кредит за РЕК „Битола“

Општина Штип планира да го гради спортско – рекреативниот центар „Суитлак“

Објавено на 24.08.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градски стадион, спортска сала и игралишта, хотелски комплекс, објекти наменети за деловен и комерцијален простор, градски парк и јавен паркинг ќе бидат содржините со кои ќе располага идниот спортско – рекреативен центар „Суитлак“ во Штип [»мапа]. На вкупна површина од 22,5 хектари, планирано е тој да се гради на крајниот југоисточен дел на градот на просторот на сегашниот парк „К`ртеке“. Од локалната самоуправа веќе направиле пресметки за експропријацијата на приватните градежни парцели на планираната локација, за кои треба да се одвојат околу 100 илјади евра. Во првата фаза ќе се започне со градба на новиот фудбалски стадион, а реализацијата на целокупниот проект ќе се одвива постепено.

 

СРЦ Суитлак - ШтипСРЦ Суитлак - Штип

 

 

Според информациите од општина Штип, идната фудбалска арена ќе се изведе на парцела со површина 24.672 метри квадратни и ќе има капацитет да прими 8.000 посетители. Максималната висина предвидена со урбанистичката документација изнесува 15 метри. Зацртано е да се изгради и второ игралиште за фудбал со капацитет од 3.000 гледачи и со јавен паркинг во неговата околина, со вкупна големина од 50.663 метри квадратни. Долгоочекуваната универзална спортска сала во овој град би се градела во рамките на комплексот, на површина од 23.403 метри квадратни и со гледалиште кое ќе може да прими 3.000 лица. Локацијата ќе ја задржи и првобитната намена на просторот, за што е зацртан нов парк кој ќе зафаќа над 10 отсто од целокупниот центар или вкупно 25.407 метри квадратни.

 

Моментална состојба

 

 

Градските власти на Штип во „Суитлак“ имаат намера да подигнат и две помошни спортски игралишта, а како пропратна содржина на објектите со висина од 4 метри е предвиден простор за мали комерцијални и деловни дејности. Во рамките на проектот спортско – рекреативниот центар планирани се два хотелски комплекси со висина од 15 метри, првиот на градежна парцела со површина од 3.128 метри квадратни, додека вториот на земјиште со големина од 3.525 метри квадратни. Општина Штип има неколку идеи за начинот на реализација на огромниот проект. Во претстојниот период ќе се продаде земјиштето на кое се наоѓа постоечкиот фудбалски стадион во градот, планирано е да се воведе моделот на јавно – приватно партнерство за дел од содржините, а за хотелите ќе се бараат заинтересирани приватни инвеститори.