Претходна статија
Помалиот број проекти лани донеле помала потрошувачка на градежни материјали
Следна статија
Реконструкцијата на Албанскиот театар ќе заврши до 31 октомври

Општина Прилеп започнува со изработка на проекти за гасификација

Објавено на 29.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски денеска најави дека општина Прилеп е подготвена за реализација на првата фаза од гасификацијата. Од годинешниов општински буџет се обезбедени 6.000.000 денари за изработка на проектна документација, при што основниот проект треба да биде готов до крајот на оваа година. Целиот проект за гасификација на Прилеп ќе има 4 фази, така што до 2020 година е предвидено да започне изградбата на секундарната мрежа низ градот.

 

 

Во подготвителната фаза, како што рече Јованоски, секој стопански субјект во Прилеп треба да пополни т.н. енергетска картичка за висината и количеството на гас, којшто треба да им се обезбеди. „Од компаниите очекувам да не известат за нивните реални потреби во моментот и проектираните капацитети во иднина, со цел да ги проектираме точно првите 20 километри гасоводна мрежа во градот“ изјави Јованоски. Притоа, тој најави дека во првата фаза од проектот ќе се одржат серија состаноци со прилепските стопанственици, на која ќе се утврдат нивните реални потреби за природен гас.

 

Надворешниот советник за проектот „Гасификација на Прилеп“, Кире Настески вели дека стопанствениците треба да соработуваат во оваа првична фаза за да се определат нивните потреби за гас. „Прилеп е приклучен на Делница 2, на јазолот Кавадарци – Битола, а снабдувањето со гас ќе се врши преку гасоводот ‘Гама’. Предвидено е за Прилеп да бидат на располагање 24.000 m3 гас на час. Во моментов во подготовка се идејниот и основниот проект за гасификација. Околу 30 поголеми и помали фирми треба да се приклучат на мрежата. Реализацијата на проектот и одржувањето на мрежата може да се спроведе на два начина, со јавно – приватно партнерство или пак Општина Прилеп да основа ново јавно претпријатие за таа намена“ посочи Настески.

 

Главниот цевковод за дотур на природен гас низ Прилеп ќе биде во должина од 20 километри и за негова реализација ќе треба да се издвојат 4.000.000 евра. Тој ќе се приклучи на идната мерно – регулациона станица во близина на градот, која што ќе се изгради заедно со магистралниот гасовод Кавадарци – Прилеп – Битола.