Претходна статија
Логистички центар ќе никне во Ќојлија
Следна статија
Нова инфраструктура во населбата Реонски центар „Аеродром“

Општина Прилеп ја продаде парцелата за изградба на трговски центар

Објавено на 15.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Локацијата со површина од 1.617 метри квадратни за изградба на планираниот трговски центар во центарот на Прилеп денеска беше продадена на електронско јавно наддавање. Приватен инвеститор ја купи парцелата кај сегашниот млечен пазар по цена од 15.500 денари за метар квадратен, односно за неа плати вкупно 25.063.500 денари. На ова место во иднина ќе никне трговски центар со приземје и два ката, кој ќе содржи продавници, канцелариски простор и подземна гаража со капацитет за паркирање на 100 возила.

 

 

 

Вкупната развиена површина на овој комерцијално – деловен објект ќе изнесува 3.230 метри квадратни, од кои 1.443 метри квадратни ќе бидат наменети за трговскиот центар. По склучувањето на договорот со локалната самоуправа, инвеститорот е должен во рок од девет месеци да прибави одобрение за градење, додека рокот за реализација на објектот е 72 месеци.

 

 

 

Општина Прилеп денеска огласи на продажба и една парцела за изградба на бензинска станица и услужен центар на левата страна од магистралниот пат Прилеп – Битола. На заинтересираните инвеститори им се нуди земјиште со површина од 27.070 метри квадратни во близина на селото Тополчани. Почетната цена за оваа парцела изнесува 200 денари за метар квадратен, додека пријавите за учество на лицитацијата треба да се достават најдоцна до 16 септември. Електронското јавно наддавање ќе се одржи на 20 септември.