Комунални и градежни инспектори на скопската општина Карпош веќе неколку недели наназад вршат контроли на неколку поголеми градилишта на нејзината територија за да се направи увид колку се почитуваат правилата за градба и заштитата на околината околу објектите. Општинските власти велат дека при вонредните увиди се констатирани серија на неправилности од изведувачите на нови објекти. „Кај објектите кај коишто е извршен вонредниот увид, констатирано е дека кај сите исконтролирани градби оградувањето зафаќа и дел од јавната сообраќајна површина“ соопштуваат од Општина Карпош.
Тие велат дека со неправилностите се создаваат потешкотии за безбедно движење на пешаците, се отежнува сообраќајот по коловозите и се создава шут во близина на други објекти. По извршениот увид, на еден инвеститор на објект на улицата „Лондонска“ во населбата Тафталиџе му е изречена прекршочна санкција во износ од 4.000 евра во денарска противредност (за правното лице и 30% од истата за одговорното лице), додека друг инвеститор на улицата „Лондонска“ веќе постапил согласно дадениот налог и укажувања. За два инвеститора на улицата „Варшавска“ веќе тече рокот за отстранување на утврдените неправилности на градилиштата.