Претходна статија
Прилеп ќе добие фабрика за преработка на отпад
Следна статија
Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ ќе продолжи со активности и во иднина

Општина Карпош го почнува процесот на гасификација

Објавено на 14.06.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со распишување на јавен оглас за изработка на проектна документација за секундарна и терциарна гасна мрежа, локалната власт од Карпош започна со реализацијата на проектот за гасификација на територијата на општината. Домашни и странски компании се повикуваат на доставување понуди за изработка на неопходната документација, врз чија основа ќе се вршат приклучоците за гас на домаќинствата и на стопанските субјекти.  Според првичните планови на општина Карпош, со проектот ќе се изградат три мерни станици за гас кои ќе бидат поврзани со гасоводниот прстен на Скопје. Една гасоводна линија ќе минува долж булеварот Теодосиј Гологанов, населбите Козле и Нерези, втората линија ќе биде во населбата Тафталиџе 1, а третата ќе се изведе помеѓу населбите Карпош 1 и Карпош 4. За остварување на ваквата идеја, заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди до 24 јуни, за кога е закажано и нивното јавно отворање.

 

Со гасификацијата на општина Карпош ќе раководи претпријатието „Каргас“, додека дистрибуцијата на гасот ќе ја врши државната компанија „Гама“. Снабдувачите со гас до крајните корисници ќе бидат избрани по пат на тендер. Гасот најпрвин ќе протече до големите потрошувачи, а во втората фаза е предвидено да се приклучат и станбените згради. Покрај во Карпош, поконкретни иницијативи за изградба на гасоводната мрежа во главниот град засега има единствено во општините Чаир и Центар.