За владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ поддршка доаѓа и од локалните самоуправи низ земјава. Првиот чекор го направи Општина Илинден, од каде што соопштуваат дека во текот на 2012 година ќе понудат 500 градежни парцели со намена за изградба на куќи преку електронско јавно наддавање со почетна цена од 1 евро за метар квадратен. Локалната самоуправа во моментов работи на подготвување на теренот, како и на потребната техничка документација. Во текот на првите два месеца од оваа година беше распишан оглас за 11 локации за домување во станбени куќи, а веќе е комплетирана документацијата за отуѓување на уште 53 градежни парцели за разни намени со вкупна површина од 341.390 метри квадратни.
Според податоците за претходната година, продадени се 45 парцели на нејзината територија со големина од 232.310 метри квадратни, при што локалната самоуправа од Илинден е една од осумте општини кои први успеаја да ги исполнат условите и да ги преземат ингеренциите за управување со државното земјиште. Од тогаш до денес се продадени 15 градежни парцели за изградба на нови стопански објекти, соларна електрана и на објекти за индивидуално домување. Неизграденото земјиште по цена од 1 евро за метар квадратен со намена за подигање на куќи допрва ќе се објави за продажба во претстојните месеци.