Локалната самоуправа од Илинден нуди градежна парцела за изградба на Дом за стари лица на територијата на оваа општина. Се работи за локација со изведени инфраструктурни приклучоци, на околу десет километри од центарот на Скопје. Површината на огласената парцела изнесува 9.968 метри квадратни, и на неа може да се подигне објект со приземје и два ката, со максимална висина од 10 метри. Земјиштето ќе се продава по почетна цена од 61 денари за метар квадратен. Заинтересираните инвеститори треба да ги достават своите пријави најдоцна до 18 август, а лицитацијата ќе се одржи на 21 август.
По купувањето на земјиштето, идниот инвеститор ќе има рок од 12 месеци за да обезбеди одобрение за градење. Реализацијата на проектот „Дом за стари лица“ е една од зацртаните цели и капитални приоритетни проекти во Стратешкиот план за Локален економски развој, се наведува во денешното соопштение од општина Илинден.