Битола најдоцна до почетокот на 2021 година ќе ја добие пречистителната станица за отпадни води и колекторскиот систем. Проектот вреден 28,7 милиони евра ќе почне да се изведува до крајот на годинава. Овие информации ги соопшти битолската градоначалничка Наташа Петровска, која денеска оствари работен состанок со претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање и Јадранка Ивановска, координатор на овој ИПА проект. Како што информираат од Општина Битола, во пролетниот период треба да се објави тендерот за избор на ревизија на проектот, надзор и изведувач на капиталниот зафат.
Договорот за изведба на пречистителната станица и колекторскиот систем ќе бидат потпишани до крајот на 2018 година, за кога е предвидено и да стартуваат градежните работи. За претстојниот зафат е изработена целокупната проектна документација, а обезбедени се и неопходните финансиски средства. Од ИПА фондовите на Европската Унија се алоцирани 85% од целокупните средства, додека македонската влада ќе учествува во проектот со околу 7,5 милиони евра.