Новото општинско раководство на Аеродром го раскина потпишаниот договор со Сергеј Самсоненко за изградба на тениско – спортски центар во близина на спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје. „Договорот за изградба на тениски игралишта со компанијата „Тенис парк“, во сопственост на Самсоненко, не е во интерес на граѓаните. Договорот предвидува Општината и Градот Скопје целосно да го ослободат инвеститорот од плаќање комуналии, а притоа граѓаните да добијат многу мали бенефиции за користење на игралиштата“ се наведува во соопштението на Општина Аеродром. Тие велат дека граѓаните би добиле само едно тениско игралиште, додека ослободените комуналии за инвеститорот се во висина од милион евра.
Локалната самоуправа во наредниот период ќе одлучи што ќе прави со атрактивното земјиште покрај реката Вардар. Договорот со фирмата на Самсоненко беше потпишан кон крајот на декември 2016 година. Проектот „Тенис парк“ предвидуваше изградба на четири тениски терени на тврда и четири терени на земјена подлога, кафе – бар, супермаркет, игротека за деца и други содржини. Вкупната вредност на проектот изнесуваше 2 милиони евра. Тендерската постапка од Општина Аеродром беше распишана во текот на минатата есен.