Претходна статија
Граничниот премин Богородица доби Урбанистички план
Следна статија
Заокружена финансиската конструкција за автопатот Демир Капија - Смоквица

Опсежна реконструкција на скопските сообраќајници

Објавено на 12.04.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Сегментите предвидени за реконструкцијаГрад Скопје започна со паралелна реконструкција на неколку клучни сообраќајни артерии во центарот. За таа цел се издвоени околу 2,5 милиони евра. Со проектот се опфатени делови од булеварите Партизански одреди, Даме Груев, Крсте Петков Мисирков, Кузман Јосифовски Питу, како и улиците Васил Аџиларски и Стив Наумов. Ќе се менува горниот асфалтен слој, ќе се нивелираат шахтите и сливниците, а предвидено е и уредување на просторот кај автобуските стојалишта. Работите ќе се изведуваат под сообраќај, со воведување на привремени сообраќајни режими и треба да завршат во рок од два месеци.

 

Булеварот Партизански одреди ќе се реконструира во должина од 1.300 метри, од крстосницата со булеварот ВМРО (кај објектот „Тифани“) до крстосницата со улицата Рузвелтова. Потоа зафатот ќе продолжи на булеварот Даме Груев, од „Тифани“ до трговскиот центар „Палома Бјанка“, односно до крстосницата со улицата Димитрија Чуповски. Работите ќе ги изведува ГП „Пелагонија – Гостивар“, за што од градската каса ќе добие 82 милиони денари.

 

Улиците Војвода Васил Аџиларски и Стив Наумов ќе се реконструираат на потегот од Градската болница до крстосницата со булеварот Гоце Делчев, во вкупна должина од 850 метри. Изведувач е кумановската фирма „Хулуси комерц“, а цената на зафатот е 27 милиони денари.

 

Булеварот Крсте Петков Мисирков ќе се реконструира во должина од 772 метри, од клучката детелинка кај Бит пазар до „Мавровка“, односно до крстосницата со булеварот Гоце Делчев. На обновата на оваа сообраќајница ќе работи фирмата „Бауер БГ“, за цена од 15 милиони денари.

 

Булеварот Кузман Јосифовски Питу ќе се реконструира на потегот од Транспортниот центар до крстосницата со булеварот Кочо Рацин, во должина од 475 метри. На овој сегмент ќе работат екипи на Јавното претпријатие „Улици и Патишта“.

 

Во меѓувреме привршува реконструкција на улицата Мито Хаџивасилев Јасмин, која започна пред еден месец. Се очекува нејзино скорешно отворање за сообраќај под нормален режим.