Претходна статија
Активно се работи на реконструкција на киното „Кисела Вода“
Следна статија
Уште „барокни“ фасади на улиците „Македонија“ и „Никола Вапцаров“

Опозицијата и власта се препукуваат околу Законот за градење

Објавено на 13.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија на денешната прес – конференција ги критикуваше измените во Законот за градење, со кои се дозволува издавање на одобренија за градење за објекти на државни органи, агенции или фондови, без решени имотно – правни односи. „Со оваа одредба во Законот власта го загрозува уставно загарантираното право на сопственост. Сопственикот, граѓанинот, власта го става во подредена положба“ истакна Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ. Опозициската партија критикува дека со членот 4 од законот се дава можност министерот за транспорт и врски да издаде одобрение за градење на сите објекти што се финансирани со средства од државниот буџет.

 

 

 

Од СДСМ обвинуваат дека со членот 9 од усвоените законски измени се врши директен упад на власта во локалните самоуправи, односно општините што се лоцирани во рамки на главниот град. „За изведување на градбите односно поставување на опремата, а овде меѓу другото спаѓаат споменици и спомен обележја, инвеститорот сега ќе треба да поднесува барање и до Градот Скопје а не како досега само до општината на која територија се наоѓа“ изјави Бочварски.

 

На ваквите ставови на опозициската партија со реакција се јавија од Министерството за транспорт и врски. „Ја информираме јавноста дека измените во Законот за градење се однесуваат пред сè на инфраструктурни градби и истите се предложени со цел забрзување на постапката за нивно реализирање за доброто на граѓаните. Со овие измени се олеснува постапката за добивање одобрение за градење за градби од јавен интерес, за кои често се чекаше со години да се решат имотно – правните односи и тие остануваа нереализирани“, се наведува во соопштението од ова министерство.

 

Оттаму наведуваат дека приватната сопственост на земјиштето е загарантирана со Устав, како и дека за објектите од јавен интерес е предвидена постапка за експропријација, со која приватните сопственици на земјиштето би биле обесштетени. Во однос на поставување на споменици и спомен – обележја, од надлежното министерство наведуваат дека нивното поставување е дефинирано со посебна законска постапка.