Претходна статија
„Фосилизиран модернизам“ - предавање на италијанскиот фотограф Стефано Перего
Следна статија
Ќе почека втората фаза од обновата на спортската сала „Младост“ во Битола

Охрид SOS со предлог – проект за заштита и туристичка валоризација на Студенчишко блато

Објавено на 03.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Невладината организација Охрид SOS на општинските власти им предлага сопствен проект за заштита и туристичка валоризација на Студенчишкото блато. Проектот, кој минатата недела му беше предаден на охридскиот градоначалник Јован Стојаноски, се заснова на два основни аспекта – неопходноста и ургентноста за заштита и ревитализација на деградираната површина од 63,97 хектари и искористување на Студенчишко блато за туристички развој на Охрид. Со предложениот проект на Охрид SOS, оваа локација е замислена како музеј на отворено, место за интеракција со природата, за истражување на сопственото минато, едукација и јакнење на свеста за виталната важност на зачуваните екосистеми.

 

 

Од невладината организација предлагаат развој на Студенчишкото блато во туристичка атракција, проширена со Билјанините извори и ранохристијанската базилика, но без притоа да се деградира самиот простор. Исто така, предложениот проект нуди и краток акциски план за организирано остварување на понудениот концепт, а понудени се и идеи за почетно финансирање и обезбедување на финансиска одржливост на проектот.

 

Охрид SOS во изминативе години беше еден од главните борци за напуштање на идејата за изградба на елитна населба на местото на Студенчишко блато. Нивната континуирана реакција доведе до повлекување на ваквата идеја од страна на Општина Охрид. Од невладината организација посочуваат дека Студенчишкото блато треба да ја задржи својата функција – прочистувач на водите, заштитник од поплави, одржувач на биолошката разновидност, мрестилиште на риби, гнездилиште на птици, собирач на јаглероден диоксид, регулатор на микроклимата и место за рекреација во Охрид.