Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ денеска ја обвини општина Охрид дека се подготвува за матна легализација на дивоградби на атрактивни локации долж езерото. „Зачудува како земјиште во сопственост на Република Македонија, во Трпејца кај авто-кампот „Андон Дуков“, во Велестово и на други локации каде нема изградени објекти се става во категорија „вклопување на бесправно изградени објекти“, а уште повеќе, некои од катастарските парцели се наоѓаат на самиот брег на Охридското езеро и во Националниот парк Галичица“ велат од „Охрид СОС“.
*Извор: Охрид СОС
Од граѓанската иницијатива посочуваат дека некои од локациите се во Националниот парк Галичица, па оттука тие воопшто не смеат да се легализираат. Понатаму, не е наведена големината на објектите што се легализираат, а во некои случаи не се знае ниту што се легализира. Од „Охрид СОС“ дополнуваат дека некои од парцелите воопшто не се водат како градежно земјиште, а барем на една од парцелите нема изградено ниту еден објект.
„Дали локалната издава бланко карта за легализација уште пред да биде изградено, за потоа да се гради кој, како и колку сака можеби“ прашуваат од оваа граѓанска иницијатива. Тие дополнуваат дека предложените легализации за изгласување од Советот на општина Охрид се косат со обврските што ги презеде нашата земја пред УНЕСКО. Со ваквите постапки, посочуваат тие, властите свесно го водат единственото УНЕСКО добро на Македонија на Листата на загрозени подрачја за што Комитетот за светско наследство треба да се произнесе оваа година.