Претходна статија
Косово планира да ја активира пругата од Коридор 10 на својата територија
Следна статија
За чистење на линданот од „ОХИС“ ќе бидат потребни од 40 до 260 милиони евра

Охрид се подготвува Студенчишко блато да го прогласи за заштитено подрачје

Објавено на 18.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Охрид повторно ќе изготвува Студија за валоризација на просторот на Студенчишкото блато заради негово прогласување за заштитено подрачје. Охридската локална самоуправа смета дека во претходната студија не е направена социоекономска анализа, од која што би зависело идното зонирање на заштитениот простор и намената на просторот. „Од периодот на подготовка на претходната студија поминале 8 години, период во кој е можно да се случиле промени во екосистемот, кои треба да се евидентираат и да се ажурираат податоците“, се наведува во огласот што е објавен за избор на најповолен понудувач.

 

 

Со претстојната студија ќе се подготват извештаи за сите истражувани видови и живеалишта, а предвидено е да се направат и мапи со кои ќе се лоцира биодиверзитетот во рамките на  Студенчишкото блато. До 25 декември тече пријавувањето на заинтересираните субјекти што би работеле на ваквата студија, додека рокот за нејзино изготвување е 7 месеци. Проценките говорат дека идната студија за валоризација на просторот на Студенчишко блато ќе чини околу 750.000 денари.

 

Студенчишкото блато со површина од 30 хектари е една од најатрактивните локации во Охрид. Во изминатиов период преовладуваа две дијаметрално различни идеи околу неговата иднина. Претходното општинско раководство на оваа локација сакаше да гради луксузна населба со хотели и други објекти, посочувајќи дека биодиверзитетот во Студенчишко блато е одамна уништен. На ваквото решение жестоко се спротивставија екологистите и тогашната опозиција, барајќи заштита на биодиверзитетот и негово обновување во функција на збогатување на туристичката понуда на градот. Нивната идеја беше Студенчишкото блато како блатен систем да прерасне во нова атракција за посетителите на градот.