Претходна статија
За Панорамското тркало веќе се потрошија половина милион евра
Следна статија
Подземна гаража ќе се гради спроти „Кинг Бургер“

Охрид ќе гради нова автобуска станица и катна гаража по пат на јавно – приватно партнерство

Објавено на 27.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

После долгогодишните најави проследени со спорови помеѓу локалната самоуправа и државните власти, Советот на општина Охрид вчера донесе одлука новата меѓуградска автобуска станица и планираната катна гаража во центарот на градот да се градат по пат на јавно – приватно партнерство, преку инвестиција во која ќе влезат властите од Охрид во соработка со заинтересираните домашни и странски компании. Локалната власт се обврза да го обезбеди градежното земјиште, да ја изгради потребната инфраструктура и да го ослободи инвеститорот од комуналните трошоци, додека најповолниот понудувач ќе треба да ги реализира планираните објекти. Општина Охрид во претстојниот период ќе објави јавен оглас за избор на најповолни понудувачи за двата проекти.

 

Идната автобуска станица во Охрид и понатаму ќе остане надвор од централното градско подрачје [»мапа], бидејќи истата е зацртана во Деталниот урбанистички план во кој влегува и постоечкиот инфраструктурен објект на периферијата од Охрид. Со проектот се предвидува новата зграда на станицата да има приземје и еден кат, при што во приземниот дел ќе се смести билетара, чекална и останати пропратни содржини за патниците, додека првиот кат ќе биде отстапен за административно – деловни намени.

 

Катната гаража ќе има основа со површина од 1.300 метри квадратни и ќе се гради на местото на сегашниот паркинг кај градскиот пазар во центарот на Охрид [»мапа], при што со неа ќе се обезбеди дополнителен паркинг – простор за 320 возила. Локалните власти од туристичкиот центар појаснуваат дека ветените проекти доцнат со реализација поради проблемите со префрлување на државното неизградено земјиште од страна на Министерството за транспорт и врски. Охрид веќе неколку години наназад се соочува со недостиг на паркинг – простор, кој е особено изразен со напливот на туристи во летните месеци, а голем проблем е и супстандардната автобуска станица за која не може да се изнајде адекватно решение повеќе од шест години.