Претходна статија
Општина Битола ќе се обиде да гради затворен базен по пат на јавно - приватно партнерство
Следна статија
Објект ќе никне помеѓу МОБ и новата зграда на МНР, фасадата му ја крои Министерството за транспорт и врски

Огромно земјиште за изградба на индустриски објекти се нуди во Свети Николе

Објавено на 13.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општинските власти од Свети Николе во денешните изданија на дневните весници објавија оглас за продажба на градежно  земјиште за изградба на лесна и незагадувачка индустрија. По пат на електронско јавно наддавање, се нуди градежна парцела со големина од 279.033 метри квадратни, на која заинтересираните инвеститори можат да подигнат објекти, составени од приземје и три ката со максимална висина од 18 метри, на вкупна површина од 190.000 метри квадратни. Почетната цена на претстојната лицитација ќе изнесува 61 денари за метар квадратен, односно минималната вредност на целокупната парцела понудена за продажба изнесува 17.021.013 денари.

 

Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите пријави за учество на наддавањето до 13 август, а најповолниот понудувач кој ќе ги гради индустриските објекти во околината на Свети Николе ќе биде познат на 17 август. Во согласност со публикуваните критериуми, инвеститорот е должен да обезбеди одобрение за градба во рок од 12 месеци од извршената солемнизација на договорот и истиот се обврзува да го подигне зданието во период не подолг од 6 години од денот на добивање на градежната дозвола. Покрај пријавувањето за ова земјиште, до 29 јули трае општинскиот оглас за аплицирање за електронското наддавање на 28 градежни парцели за изградба на индивидуални домови и мала и незагадувачка индустрија во населеното место Кадрифаково.