Претходна статија
Проектот за топлификација на Битола ќе стартува во 2014 година
Следна статија
Одложена изградбата на магистралниот гасовод Клечовце - Кавадарци

Огромни финансии итно потребни за проекти во енергетиката

Објавено на 29.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На државава и се потребни 1,26 милијарди евра за целосно реализирање на енергетските проекти и мерки од Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија за периодот 2013 – 2017 година. Во согласност со Програмата за реализација на овој документ, во 2014 година треба да заврши ревитализацијата на големите хидроелектрани во земјава и целосно да се доврши ветерната електрана „Богданци“, додека најдоцна до 2017 година треба да се изгради и да се пушти во употреба хидроелектраната „Бошков мост“ во Националниот парк „Маврово“. Покрај овие проекти чија реализација е приоритет за државата, во наредните години е планирано да се започне со изградба на хидроелектраната „Чебрен“, акумулацијата „Луково поле“ и воведување на природниот гас како енергенс во производството на електрична енергија на две термоелектрани.

 

За остварување на зацртаните мерки неопходно е да се одвојат 467 милиони евра за проектите на ЕЛЕМ, за јавно – приватни партнерства се планирани 400 милиони евра, од приватни инвеститори би се обезбедиле 160 милиони евра, за проекти на МЕПСО се потребни 110 милиони евра, за гасификациониот систем се предвидени околу 60 милиони евра, додека за проектите на претпријатието ГАМА и на локалните самоуправи се зацртани 19 милиони евра. Во 2017 година потребите од електрична енергија во Македонија е планирано да изнесуваат 10.010 GWh за сценариото со исполнети мерки за енергетска ефикасност или пак 10.620 GWh за основното сценарио.