Лесните магнезитни градежни плочи, кои последните неколку години беа исклучително популарни на европските пазари, можат да ја загрозат безбедноста и трајноста на објектите во кои се вградени. Само во малата Данска, која има 5,6 милиони жители, вкупната штета се очекува да надмине 500 милиони евра!
Според зборовите на Хенрик Гарвер, претседател на данската Градежна комора, се работи за досега „најголемиот европски градежен скандал“. Данска е во центарот на скандалот, но во меѓувреме тој почна да се шири и во останатите европски земји, каде веќе се изведуваат испитувања за да се утврдат последиците и размерот на штетата предизвикана од несоодветната примена на магнезитните плочи.
Магнезитните градежни плочи беа опишувани како еколошко и трајно решение, универзално применливи, водоотпорни, отпорни на мувла, отпорни на удар, со добри изолациски карактеристики… Со такви својства и со својата атрактивна цена, за многумина беа логичен избор и брзо се наметнаа на пазарот, вклучувајќи ја и Македонија.
Но магнезитните плочи имаат една многу опасна особина – впиваат влага (што е несвојствено за плоча која е наменета за употреба на фасада), и по целосна заситеност на плочата со влага, почнуваат да лачат солен раствор од магнезитни соли, кои дури и на краток рок ја нагризуваат потконструкцијата која ги носи плочите. „Не се сеќавам на поголем скандал од овој. Без сомнение, ќе има големи последици за објектите во кои се вградени овие плочи. Корозијата може да сруши и цел објект“, изјавил претседателот на данската Инженерска асоцијација (FRI).
Некои експерти велат дека проблемот се појавил поради користењето на КСИНТИ (ETICS) на плочата која не е наменета за тоа. Некои велат дека уште поголем е проблемот на места каде плочата е оставена гола, или само обработена со фасаден материјал. Сепак, заедничко мислење е дека проблем е квалитетот на плочите.
Речиси сите објекти во кои се вградени вакви плочи во Данска имаат некакви естетски штети, или појава на мувла, но најалармантни се оштетувањата на статичкиот дел (конструкцијата). Како последица, донесена е судска забрана за продажба и вградување на производот и покренати се стотици судски спорови. На товар на увозниците е одговорноста да го докажат квалитетот на материјалот кој е произведен во Кина, под кинески стандарди и сертификати, што само по себе е тешка задача.
По избивањето на скандалот во соседната Данска, шведската „Асоцијација на сопственици на домови“, платила истражување на објектите во кои била употребена магнезитна градежна плоча. Според Олоф Мундт-Петерсен, кој го предводел истражувањето, плочите при допир со влага стануваат леплива маса слична на желатин и ја губи целата носивост. Магнезиум хлоридот кој излегува од влажните плочи ја нагризува конструкцијата и врзните шрафови, па овие плочи не смеат да се користат на позиции кои доаѓаат во допир со влага.
Како резултат на скандалот со магнезитните плочи и пропратните финансиски последици, „Клуч на врата“ веќе стави компанијата „Boel Livings“ еден од најголемите изведувачи на индивидуални куќи во Данска, со совет до сопствениците на стотиците куќи во кои „Boel“ вградиле магнезитни плочи, правдата да ја бараат на суд и преку осигурителните компании.
И покрај фрапантните бројки, се чини дека ова е само почетокот. Градежната индустрија сè уште нема целосен преглед на големината на проблемот, но јасно е дека штетите ќе бидат огромни. Данскиот пазар е меѓу првите каде овој производ се проби и од 2010 навака се вградуваше со темпо од околу 100.000 метри квадратни месечно. На македонскиот пазар вакви плочи се нудат во последниве година до две и веќе се употребени на неколку објекти. Ќе не „изненади“ ли и нас вакво нешто?