Општина Илинден ќе им ја обезбеди проектната документација на инвеститорите при изградбата на куќи во идната населба „Јака“. Локалната власт распиша конкурс за избор на идеен проект и за изработка на основен проект за изградба на семејни станбени куќи. Според замислата на општината, најпрвин ќе се изберат четири најповолни идејни проекти за индивидуалните домови, по што ќе следува и реализацијата на основните проекти, кои бесплатно ќе им бидат понудени на сите оние што обезбедија парцели за градење во „Јака“. Архитектите што ќе се пријават на конкурсот ќе треба преку користење на елементите од современото и традиционално наследство да предложат соодветни модели за семејни куќи со површина од 70-80, од 80-100, од 140-160 и од 160-200 метри квадратни.
Најдобро рангираните учесници на конкурсот ќе бидат наградени со вкупен паричен фонд од 120.000 денари, финансиски средства обезбедени од локалниот буџет. Населбата „Јака“ со оваа мерка на општината ќе добие поубав лик, ќе се олесни работата на администрацијата и ќе се забрза постапката за издавање градежни дозволи по електронски пат. На секој инвеститор ќе му бидат понудени четири типа на проекти за куќи со различни димензии, со што тие ќе можат да заштедат до 1.000 евра за изработка на ваквите проекти.
Дека општина Илинден е на вистинскиот пат, покажа и денешната електронска лицитација на градежно земјиште за изградба на семејни куќи во населбата „Јака“. За само еден ден беа продадени уште 14 нови парцели за подигање објекти за индивидуално домување, по цена од 163 до 3.395 денари за метар квадратен.