Вицепремиерот за економски работи Кочо Анѓушев денеска ја презентираше новата инвестиција на германската компанија „ОДВ-Електрик“ во ТИРЗ Струга. По успешната реализација на првата фаза, инвеститорот започнува со изградба на втора по ред фабрика во оваа индустриска зона. Станува збор за производствен капацитет од 4.500 метри квадратни, во кој ќе се инвестираат 4,5 милиони евра и истиот ќе обезбеди 90 нови вработувања.
Новата фабрика за производство на делови за автомобилската индустрија ќе вработи високо едуциран кадар во втората фаза од проектот, што значи дека со оваа инвестиција ќе се отворат добро платени работни места. Меморандумот за реализација на втората фаза на инвестицијата денеска го потпишаа директорот на ДТИРЗ Александар Младеновски и главниот извршен директор на компанијата „ОДВ-Електрик“ Мартин Ехрет.
„Доколку глобалната економија го одржи овој чекор „ОДВ-Електрик“ планира и натаму да инвестира во Македонија. На крајот на нашиот инвестициски циклус, „ОДВ-Електрик“ проценува дека ќе инвестира околу 15 милиони евра, а ќе вработува повеќе од 1.000 лица“ нагласи Ехрет.