Претходна статија
Во јануари се зголемил бројот на предвидени станови за градба
Следна статија
Започна реконструкцијата на мостовите во Прилеп

Одобренијата за градење ќе се издаваат по електронски пат

Објавено на 06.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната презентација на системот за управување со дозволите за градење ја изнесе новата поволност за инвеститорите во градежниот сектор. Наместо да се чекаат 45 дена за добивање на градежна дозвола, од 1 јуни целокупната постапка ќе се врши по електронски пат, со забрзана процедура што ќе трае 15 дена. Проектот го опфаќа целиот циклус, од аплицирање до издавање на одобрението за градење, како за градбите од првата категорија кои се под ингеренции на министерството, така и за градбите од втора категорија (куќи, станбени згради, деловни објекти и сл.) кои се издаваат од страна на локалните самоуправи.

 

Софтверското решение предвидува прием на барањата заедно со неопходните документи во дигитална форма, проверка и нивно проследување до надворешните субјекти надлежни за добивање нивно мислење, како и враќање на решените предмети назад. Во финалната фаза барателот ќе треба да го плати надоместокот, по извршената пресметка на комуналните трошоци. Откако ќе се оствари финансиската трансакција, постапката предвидува на компаниите и на граѓаните да им биде издадено одобрението за градење. Документацијата што ќе се издава е планирано да биде дигитално потпишана и во рамки на проектот да се воспостави интернет – портал за преглед на неопходните документи за аплицирање и увид во текот на постапката, како и дигитална архива на издадените документи. Македонија во минатата година оствари скок од 86 места на глобално ниво во делот на издавање на градежни дозволи, благодарејќи на поедноставувањето на законската постапка.