По повод 69 години од основањето на Градежниот факултет при УКИМ, денеска се одржа свеченост за одбележување на јубилејот на која присуствуваше и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Деканот на Градежниот факултет Дарко Мославац им додели стипендии на 49 студенти запишани на сите насоки и години на факултетот, а на денот на одбележувањето на јубилејот беа прогласени и најдобрите дипломски трудови на студентите од претходната година.
*Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски
Во својот говор, министерот Горан Сугарески испрати честитки по повод одбележувањето на 69 години од основањето на Градежниот факултет. „Нашата визија и цел е во Република Македонија да создадеме квалитетна инфраструктура. Оттука, природно се јавува потребата од создавање на нераскинлива врска меѓу државните институции и овој Факултет. И морам да спомнам дека таквата соработка досега се движи во вистинска насока“ истакна министерот Сугарески.
Градежниот факултет при УКИМ е најстариот технички факултет во Македонија. Формиран е во 1949 година, а првиот час на студентите по градежништво бил одржан на 6 октомври 1949 година во амфитеатарот на тогашниот Технички факултет.